
Џган
Патување низ животот и судбините на отфрлените
Во сржта на овој филм се крие приказна која освојува и предизвикува длабоки емоции – филмско остварување што го става режисерот Вардан Тозија на мапата на најсмелите македонски креативци. Со внимание кон секој детал, моќно сценарио и препознатлива режија, Тозија создава незаборавно филмско искуство, истражувајќи комплексна тема, животот на деца и млади во дом без родители, покажувајќи ни ја суровоста на животот и системот спрема децата.
“Низа свирепи околности претвораат тивко и повлечено момче во суров, бескомпромисен водач на група отфрлени штитеници од дом за деца без родители. Заедно тие тргнуваат во слепа одмазда кон светот зад нивните ѕидови, што им нанел само болка и страдање. Светот во кој за нив постои само едно, заедничко име – ЏГАН.”
Со уникатен визуелен стил кој го комбинира хиперреализмот со естетиката на грдото, Џган бескомпромисно ја прикажува нефункционалноста на системот и бесчувствителноста кон децата кои се оставени на маргините на општеството. Хиперреалистичната фотографија и отворената приказна, ги допираат најдлабоките аспекти на емоционалната состојба на младите ликови.
Актерската екипа, предводена од Никола Ристановски, Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула, Сара Климоска и Горан Стојановски, ни носи интензивно искуство кое не само што го прикажува овој социолошки крими-феномен, туку и создава простор за дијалог и разбирање за тежината на судбината на децата. Филмот е повеќе од драма – тој е обид да се просветли и поттикне разговор за општествените теми кои заслужуваат внимание.
“Џган” е филм кој остава белег – создаден за публиката што не се плаши да ја погледне вистината в лице.